Обвинувања меѓу власта и опозицијата за неуспехот на ЕУ самитот

Премиерот Димитар Ковачевски повика да се искористи периодот до одржувањето на изборите во земјава, но и евроизборите напролет, за да се усвојат уставните измени. Европскиот Совет потврди дека промената на Уставот е единствената причина поради која за Македонија не е закажана Втора меѓувладина конференција, со што практично не се отвораат преговарачките поглавја. Ковачевски од Брисел, прстот го впери кон опозицијата, додавајќи дека оној што вели дека е можна промена на преговарачката рамка ја лаже јавноста.
„Можевме да дојдеме победнички, гласно и јасно заедно да кажеме дека ние продолжуваме со отворање на поглавјата од сите кластери од преговорите со ЕУ и дека го продолжуваме нашиот евроинтеграциски пат. Но, се потврди дека единствен кочничар на државата е анти-ЕУ, анти-НАТО и проруската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Левица“, рече Ковачевски.
Од друга страна, опозицијата пак ја обвини власта.
„Токму пресот којшто го имавме на темата криминал и корупција е доволен показател кој е единствениот виновник и ваквите обвинувања коишто доаѓаат се само причина да се прикрие поразот којшто го има Македонија, а за тоа директно виновни се СДСМ и ДУИ“, рече Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, во нацрт заклучоците за земјава, покрај прашањето за уставните измени, ЕУ бара да се спроведат реформите во областите на владеењето на правото, борбата против корупцијата и јавната администрација, но и да се почитуваат договорите со Грција и Бугарија. Воедно се поздравува напредокот во економските критериуми и целосното усогласување на надворешната политика на Македонија со таа на Унијата.
Во меѓувреме, Брисел повторува дека останува силна заложбата за проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан. На вчерашниот Самит, челниците на Унијата повторија дека поради геополитичкиот контекст и руската агресија во Украина, проширувањето е стратешко и безбедносно прашање. Тие воедно на лидерите од регионот им го презентираа во детали Планот за раст на Западен Балкан, тежок шест милијарди евра, кој би овозможил забрзана интеграција. Од Брисел повторија дека покрај специфичната состојба во која се наоѓа Европа, проширувањето е процес базиран на заслуги.
Лука Андреев