Обвинувања за притисоци пред изборот на нов ректор на Тетовскиот универзитет
Обвинувања за притисоци пред изборот на нов ректор на Тетовскиот универзитет

Вулнет Амети, кој го водеше Универзитетот во Тетово повеќе од 10 години, сака по секоја цена да остави свој наследник. Вакви се обвинувањата на тројца од четворицата кандидати за нов ректор. Според нив, Амети заедно со актуелното раководство на оваа институција прават сè, користејќи ја позицијата претседател на Сенатот и моќта создавана низ години во универзитетот за да победи кандидатот за кој се шпекулира дека е близок до ДУИ, Јусуф Зејнели. Кандидатката Миќереме Руси вели дека универзитетот не треба да се третира како нечија приватна сопственост.
„Она што тој го тврди и насочува за тоа кој ќе биде негов наследник, за сите нас тоа воопшто не е во ред. Сите ние имаме достоинство и овој универзитет, покрај образованието, културата, исто така, нè учи и етика и морал, не можеме да му се наметнеме некому, на некој поединец на која позиција ќе биде, затоа што тоа не е нечија приватна, лична сопственост, тоа е сопственост на народот“, изјави Миќереме Руси, кандидат за ректор на УТ.
Кандидатот Башким Зибери пак, додаде дека поранешниот ректор заедно со актуелниот в.д. ректор Куштрим Ахмети ги обиколуваат факултети и агитираат за кој кандидат треба да се гласа. Зибери не ја отфрла можноста сите останати тројца кандидати да се повлечат од трката ако ваквите постапки продолжат.
„Другиот дел е посетите што ги прават на факултетите преку дел од деканите кај професорите, а особено посетите кај претседателот на Сенатот и в.д. ректорот на одредени факултети, како што се Факултетот за природни науки, каде што во конкретни случаи се озборува и клевети, се претставуваат кандидатите во негативен контекст и оти треба да се гласа за нивниот кандидат. Ги разгледуваме сите опции, до утре навистина ги разгледуваме сите опции бидејќи оваа ситуација покажува дека процесот е заробен, има уцени и таквите процеси не се добри за универзитетот“, рече Башким Зибери, кандидат за ректор на ДУТ.
Кандидатот Дервиш Алими вели дека целиот процес почнал со кршење на законот, кога поранешниот ректор Вулнет Амети без исполнување на законските услови постави проректори и на други позиции, а денес истите ги користи како „алатки за уцена“.
„Некој по секоја цена сака да остави свој наследник и не се согласува со фактот дека треба да си замине. Сега сака да постави човек кого потоа ќе го контролира, а кои се мотивите за тоа, не знам. Не е само желбата да се биде на функција, тука се гледа политичка позаднина или некој се плаши затоа што ги ставал рацете во медот повеќе отколку што треба“, нагласи Дервиш Алими, кандидат за ректор на УТ.
За дел од проректорите кои се посочени дека вршат притисок врз професорите да гласаат за кандидатот Јусуф Зејнели, од Просветниот инспекторат наведоа дека тие биле незаконски избрани на функциите од страна на поранешниот ректор Вулнет Амети. Но, министерот за образование, Јетон Шаќири, одбива да преземе мерки против нив. За нов ректор на Државниот тетовски универзитет ќе се гласа утре.
Ардит Рамадани