Од 1 ноември парното во Скопје со пожешка цена

Поскапува парното греење. Од 1 ноември 58.000 домаќинства во Скопје ќе плаќаат 4,51 отсто поскапо. За илустрација, за сметка од 1.800 денари ќе се додадат 80 денари. Станува збор за потрошувачите кои се приклучени на системот на ЕСМ, а оние кои се грејат на Железарското парно и на топланата Скопје-Север ќе имаат нешто пониски сметки од порано, велат од Регулаторната комисија за енергетика. Нејзиниот претседател, Марко Бислимовски, вели дека одлуката за цената досега се чекала се додека не била добиена силна гаранција дека ќе започне поставувањето на нови топловодни цевки на мостот „Беласица“ кој порано годинава го зафати пожар.
РКЕ им признала 5 милиони евра помалку за трошоци на трите државни компании кои снабдуваат 97% од топлинската енергија. Минатата година на пазарот влезе и приватна компанија. Бислимоски упати критики за почетокот на грејната сезона, која според него, требало да биде подобра.
Во однос на наметнатиот данок за руски природен гас од страна на Бугарија, Бислимоски рече дека нема да има корекција на цената на парното кај нас. На последниот тендер, цената за овој енергенс била вообичаена, но не се знае дали во неа бил пресметан и новиот данок. Една од опциите Македонија да избегне да плаќа дополнително за рускиот гас е да се зголеми капацитетот на гасоводот и преку него да кај нас да може да доаѓа гас од други земји преку грчкиот интерконектор.
Аднан Ќаили