Од денеска задолжително носење на зимска опрема

Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – РСБСП ги потсетува возачите да направат соодветна зимска подготовка и проверка на возилото, и тоа проверка на антифризот, проверка на маслото во моторот, проверка на течноста за бришачите на ветробранското стакло, проверка на акумулаторот, притисокот на пневматиците, обезбедување на течност или спреј за одмрзнување на стакло, брави, и секако носење на соодветна зимска опрема.
РСБСП, исто така, потсетува дека носењето на зимската опрема е задолжително и се однесува на периодот од 15 ноември до 15 март наредната година, согласно што:
• Под зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 килограми се подразбира: зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази од четири милиметри (4 милиметри) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази минимум од четири милиметри (4 милиметри) и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала, или други соодветни помагала.
• Зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала (4х4) подразбира зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази од шест милиметри (6 милиметри) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази од најмалку четири милиметри (4 милиметри). Синџири за снег потребно е да поседува секое возило со пневматици со летен профил, и притоа, во случај кога возилото е во постојан погон, синџири за снег треба да има најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да има најмалку на постојано вклучената осовина.