
Кога децата ќе нè прашаат како тие или некое друго бебе пристигнало на овој свет, ние им кажуваме дека ги донел штркот. Зошто од сите птици, баш „штркот ги носи бебињата“?
Штрковите се поврзуваат со фамилијата и бебињата со векови наназад. Во грчката митологија, штрковите се поврзуваат со кражба на бебиња затоа што божицата Хера ја претворила нејзината ривалка во штрк која пак, подоцна, во телото на штрк се обидела да го украде нејзниот син во знак на одмазда. Во египетската митологија, се сметало дека душата не умира туку се претвора во штрк и со доаѓањето на пролетта душите на оние кои умреле, се враќаат меѓу луѓето. Во староиндиската митологија, штркот ја симболизира вредноста на семејството и пожртвуваноста.
Во некои други митологии, штркот се јавува како симбол на верност и моногамија, затоа што се верува дека тие имаат само една сродна душа во текот на животот. Митот за тоа дека штркот го носи бебето настанала пред неколку векови на европското тло, а била измислена од возрасните генерации кои не знаеле како на децата да им го објаснат раѓањето на бебе. Штркот бил одбран од сите птици токму затоа што е симбол за верност и бидејќи неговата преселба на југ трае околу девет месеци, колку и бременоста на една жена.