Од локалната опозиција во Струга се сомневаат дека постапката за давање под концесија на проектот за улично осветлување по пат на јавно приватно партнерство е нелегална
Од локалната опозиција во Струга се сомневаат дека постапката за давање под концесија на проектот за улично осветлување по пат на јавно приватно партнерство е нелегална

Локалните власти во Струга на мала врата сакаат да го протуркаат проектот за давање на уличното осветлување во општината под концесија по пат на јавно приватно партнерство за наредните десет години, на фирма позната само на нив, обвинува локалната опозиција. Се сомневаат дека во игра се милионски суми. Неофицијално станува збор за извесна компанија од Австрија.
„Позадината е во целата нелегална постапка бидејки првото нешто кое градоначалникот и администрацијата го направија дадоа некаков вовед за запознавање со можен партнер. Тоа е нешто кое се случува на крај и тоа е нешто кое доаѓа по јавен оглас. Тоа е класична тендерска постапка на која се бира најдобриот понудувач. Не можете вие да го донесете лицето или фирмата која сте ја одбрале, па потоа да ги терате сите други постапки. Процесот од самиот почеток е загаден, затоа што процедурата не е воопшто легална и не е онака како што ја пропишува законот“, рече Никола Кукунеш-советник на ВМРО ДПМНЕ.
Иако договорот со претходниот оператор е веќе истечен, од Алијанса за Албанците се за тоа, уличното осветлување во градот да не се дава под концесија во наредните пет години, а средствата да се искористат за други намени. Наместо тоа да се користи постоечкото осветлување.
„Денес носителот на овој процес за изработка на физибилити студија за јавно приватно партнерство за осветлување на град Струга е ставен на црната листа на Американскиот Стејт департмент меѓу другото и за голема корупција, што создава мислење од наша страна дека не треба да се склучува овој договор за концесија за период од 10 години, со сума приблиќно од 10 милиони евра“, нагласи Љуљзим Насуфи-претседател на АА-Струга(крило на Зијадин Села).
Граѓаните велат дека не се задоволни од досегашното улично осветлување.Струга во текот на 2023 година со месеци се соочуваше со рестрикции на учичното осветлување, движејки по темни улици.
„Ние живееме во село, но осветлување треба да има, затоа што тендерите се земени, општината можеби си плаќа, но не го одржува и тоа е грешка нивна. Има и такви случаи, кога нема светло“, рече еден граѓанин.
„Траба да има светло.Не само тука во градот, туку и во село, бидејки и ние плаќаме за струја.Но во Струга веќе е се пропаднато, не верувам дека некогаш ќе биде добро“, додаде друг граѓанин.
„Каде што живеам има светло.Тоа е работа на општината, не е наша“, рече еден граѓанин.
Побаравме став и од советниците од мнозинството, но не сакаа да коментираат ништо. Инаку одлуката за усвојување на иницијатива за започнување на подготвителни работи за изработка на физибилити студија за воспоставување на договор за јавно приватно партнерство за улично осветлување, денес не помина на седница на советот на Општина Струга./Алсат.мк
Мики Трајковски