Од март во Скопје ќе може да се изнајмуваат електрични автомобили

Од март наредната година ќе почне да се применува услугата за споделување на електрични возила откако денеска беше потпишано писмо за намери за поддршка на проектот на словенечката приватна компанија „Авант кар“. Писмото за поддршка го потпишаа првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
За користење на услугата ќе биде потребно инсталирање на мобилна апликација преку која ќе се наоѓа достапно возило. За изнајмување на електрично возило ќе се плаќа по минута и изминат километар, а плаќањето ќе биде дигитализирано или преку платежна картичка.
Тест фазата од проектот ќе почне во февруари догодина кога ќе се знае и колку ќе чини изнајмувањето.
Според сопственикот на „Авант кар“, Матеј Чер изнајмувањето е пониско од користењето на такси-услуга и во просек ќе биде од три до шест евра, а од центарот на градот до скопскиот аеродром ќе чини од 10 до 15 евра.
Како што најави Чер, за Скопје веќе се подготвени 100-ина електрични возила.