Од продажба на биоразградливи ќеси се очекуваат 2 милиони евра

Министерството за екологија на почетокот на следната година ќе ги искористи парите собрани од продажбата на биоразградливи најлонски ќеси. Во овој фонд за управување со отпадот до крајот на септември се собрани 96 милиони денари кои ќе се инвестираат во инфраструктура за селекција на отпадот. Најпрво општините ќе бидат снабдени со контејнери за селекција, но претходно мора да исполнат одредени услови.
„Идејата е да купиме пет илјади контејнери кои ќе ги поделиме низ сите општини во државата. За селекција на хартија, пластика, лименки. Општините ќе можат да ги добијат овие контејнери само доколку потпишат договор со колективните преработувачи на отпад“, рече Насер Нуредини – Министер за животна средина.
Министерот на средба со новинарите даде детали за некои од најголемите проекти кои се во тек за подобрување на инфраструктурата за водоснабдување, канализација и подобрување на квалитетот на воздухот кои се еден од условите за членство во ЕУ. Само за инфраструктурни проекти за управување со отпад и води е потребен буџет од најмалку 3 милијарди евра.
„Толкава е нашата моќ. Тоа е нашиот буџет. И ве молам кога ќе го погледнете буџетот, немојте да мислите дека ќе се инвестира само буџетот што го има министерството. Не е така, затоа што имаме можност за кредити, 50 милиони евра обезбедени за вода, 55 милиони добиваме за депонии, 126 милиони се само задолжувања, плус 77 милиони за пречистителната станица во Скопје“, додава Нуредини.
Во однос на загадувањето на воздухот, Нуредини уште еднаш апелираше до институциите да не користат мазут, бидејќи според неговите информации, земјата има доволно количини гас.
Еви Шкопи