Од УНИЦЕФ апелираат да се заштитат децата од загадениот воздух
Од УНИЦЕФ апелираат да се заштитат децата од загадениот воздух

Од Организацијата за заштита на децата УНИЦЕФ споделија совети за заштита на најмалите при енормно аерозагадување во животната средина. Загадувањето на воздухот е една од најголемите закани по здравјето на децата и е водечки еколошки здравствен ризик за децата, велат оттаму. Во Македонија, ризиците од загаден воздух се особено големи.
„Загадувањето на воздухот е поврзано со респираторни заболувања како пневмонија, бронхитис и астма. Тоа може да ги влоши веќе постоечките здравствени состојби и да им наштети на нивниот физички развој. Други аспекти од нивниот живот исто така може да бидат засегнати поради загадувањето. Како што растат децата, нивните бели дробови и мозоци во развој ги прават особено чувствителни на загадувањето на воздухот. Нивниот имунолошки систем е послаб од оној на возрасните, што ги прави поранливи на вируси, бактерии и други инфекции“, велат од UNICEF.
Во земјава, според УНИЦЕФ, 11,6 отсто од сите смртни случаи на доенчиња се должат на загаден воздух, што е секој 9-ти смртен случај на деца под една година. Поради оваа причина, од УНИЦЕФ велат дека децата треба да избегнуваат престој во области со висока загаденост и да ја намалат нивната активност во средини каде што има висока загаденост на воздухот.
„Обидете се помалку време да престојувате во подрачја со високо загадување, како на пример, во близина или околу подрачја со голем сообраќаен метеж или со извори на индустриско загадување. Ако патувате во периоди од денот кога аерозагадувањето е помало, ја намалувате изложеноста.Кога загадувањето на воздухот е особено лошо, најдобро е децата да избегнуваат напорни активности. Играта или физичката активност треба да се сведат на минимум, особено ако децата имаат веќе постоечки медицински состојби како што се астма или други респираторни инфекции„, велат од UNICEF.
Скопје често котира високо на листата на најзагадени градови во светот, со просечни нивоа на PM10 или PM2,5 кои го надминуваат безбедниот праг повеќе од 100 дена во годината. И другите градови како Тетово, Битола, Кавадарци, Струмица и Кочани имаат висока загаденост на воздухот, особено во зимските месеци./Алсат.мк
Линда Ебиби