Од утре ќе дишеме без маски на улица, ќе се оди на свадби и на спортски натпревари

Утре се очекува да стапат во сила одлуките за ублажување на анти-ковид мерките. Ќе се укине задолжителното носење маски на отворено, ќе се дозволи групирање, свадби, публика на спортски настани и слично. Но, полицискиот час од полноќ до 4 наутро ќе остане во сила и во следните две недели. Централниот кризен штаб на денешниот состанок ги прифати сите препораки на Комисијата за заразни болести и истите ѝ ги предложи на Владата да го одобри на утрешната седница.
Влада
„Укинување на мерката носење заштитна маска на отворено со препорака за носење маска кога лицата се во поголема група. Останува на важност мерката за задолжително носење на заштитна маска во јавен превоз, такси и во сите затворени простори.“
На состанокот на Кризниот штаб, имајќи го предвид драстичното намалување на новозаболените и активните случаи, се дозволува и публика на спортски настани на отворен простор до 30 проценти од вкупниот капацитет на посетители, почитувајќи го растојанието помеѓу посетителите од 1,5 до 2 метри. Се препорачува и да се укине воведената работа во смени или од далечина, се дозволуваат и организирани веселби, но под посебни протоколи.
Влада
„Да се дозволи организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор, летни тераси до максимум 100 лица, но не повеќе од 50 проценти од капацитетот на просторот и до максимум шест лица на маса со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу лицата. Присуство на музичари е дозволено само при организирање на свадби, согласно соодветен протокол.“
Во очекување на утрешната владина седница нашата камера уште денеска забележа дека во Скопје многу граѓани се движеа без маски.
Не знам дали е во ред или не, но мислам дека треба да се носат уште малку. Јас сум без маска, но ја имам со мене, мислам дека сепак треба да ги носиме.
Добро е да се укинат, но внатре сè уште треба да ги носиме. Денеска гледаме дека не носите маска, зошто? На отворено не се носи маска, тоа е мое мислење.
Лекарот ми рече дека оваа маска што ја носиме уште повеќе нè разболува, не нè штити. Јаглерод диоксидот си го враќаме во белите дробови. Според мене, подобро е сосема да ги укинат маските, тие немаат никаква вредност.
Во моментов не треба да ги укинеме сè уште има корона луѓето сè уште се вакцинираат. Мислам дека сè додека целото население не се вакцинира во рок од година или година и пол, мора да имаме заштита.
Од полицијата апелираат граѓаните да продолжат да ги носат маските на отворено сè додека предлозите на бидат официјално одобрени, па казните дотогаш остануваат. Инаку, во последните 24 часа биле изречени 218 прекршочни пријави за неносење маска, а 27 лица биле казнети за кршење на полицискиот час.
Adnan Qaili