
Утре албанската опозиција почнува со собирање потписи за кандидатурата на Арбен Таравари за претседател. Од коалицијата „Вреди“ велат дека се надминати сите законски и програмски процедури во партиите за започнување на процедурата. Охран Муретезани најави дека од утре ќе се види кој ја има поддршката од граѓаните, обвинувајќи ја ДУИ дека собира потписи во партиските канцеларии.
„За почеток, ги надминавме сите внатрешни процедури во коалиционите партии на „Вреди“ за одобрување на кандидатурата на Таравари. Потоа ги испочитувавме сите законски норми и ја поднесовме кандидатурата до ДИК. Во меѓувреме, како коалиција имавме за цел да ја оставиме ДУИ да си направи политички театар и меѓу нив да видиме таква голема паника за овие парламентарни и претседателски избори. Почнаа да собираат потписи во штабовите на нивната партија, а ние им порачуваме дека од утре, понеделник, ќе бидат сведоци како народот дава потписи за кандидатот на опозицијата, Арбен Таравари“, рече Орхан Муртезани, Коалиција „Вреди“.
Повикот за поддршка е упатен до граѓаните без разлика на етничката и политичката припадност. Кандидатурата на претседателот на Алијанса за Албанците, Таравари за претседател е поддржана од Демократското движење, од Беса, Алтернатива и од претставници на косовското движење Самоопределување во С Македонија. Во меѓувреме, останатите кандидати и денеска продолжија со собирањето на потребните најмалку 10.000 потписи за учество во претседателската трка. Откако процесот почна во петокот, досега ниту еден не собра доволно потписи, но рокот за тоа е до 8 март. Од 13 пријавени кандидати, само двајца се предложени од пратеници. Листата на кандидати може да се намали ако некои не успеат да го соберат потребниот број граѓански потписи./Алсат.мк
Адријан Керими