Од утрово повторно блокади низ Србија

Во Белград и други српски градови од утрово се поставуваат блокади на бројни локации откако студентите ги повикаа Белград, Нови Сад и Ниш целосно да се блокираат. Министерството за внатрешни работи предупреди дека блокадите се незаконски и дека ќе бидат преземени сите потребни мерки за да се заштитат јавниот ред и мир.
Блокади во Србија има веќе пет дена, како реакција на апсења на демонстранти. Полицијата кажа дека вчера биле приведени 79 луѓе, а имало и повредени во уличните судири.
Во Белград е запрен трамвајскиот и тролејбускиот сообраќај и така ќе остане додека не се стекнат нормални услови за возење, соопштија од градот.
Српскиот претседател Александар Вучиќ ги повика граѓаните на мир и ги замоли да не се урива Србија.
„Оние кои го сакаат тоа не можат да победат. Оние кои не ја сакаат Србија одлучија целосно да ни го загорчат животот. Најавени се целосни блокади во повеќе градови од раните утрински часови. Ги молам не како претседател, туку како обичен човек да не го прават тоа, да се вразумат и да не ја мразат својата земја толку. Ние не сакаме да реагираме, ние избегнуваме употреба на сила“, порача Вучиќ синоќа.