
Челниците на Серија А ги одложија денешните натпревари од 33. првенствено коло поради смртта на папата Франциск, кој почина на 88-годишна возраст утрово на првиот ден по Велигден. Оваа одлука е очекувана особено бидејќи седиштето и живеалиштето на папата Франциз беше во микродржавата Ватикан која е во склоп на Италија.
„По смртта на папата Франциск, Националната лига на професионаци Серија А објавува дека натпреварите кои беа закажани за денес од Серија А и шампионатот Примавера се одложени“, стои во соопштението.
На програмата денес беа четири меча во калчото. Требаше да играат Торино и Ељиф Елмас против Удинезе, Каљари да ја дочека Фиорентина, Џенова да биде домаќин на Лацио, а Парма на Јувентус.
Сите натпревари се одложени, а од Серија А најавија дека новите датуми ќе бидат дополнително утврдени.