ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Одложено денешното рочиште за „Беса Транс“

Повторното судење за случајот Беса Транс одложено. Судијата Ивица Стефановски информираше дека истото се одложува поради отсуство на обвинителот Владимир Милошоски, кој бил ангажиран во друг предмет, како и целосно ангажиран во предметот за трагедијата во Кочани. На седницата присуствуваа првообвинетиот Беким Хаџиу и неговиот адвокат Асмир Алисфахиќ, додека не беше присутен правниот застапник на правното лице „Беса Транс“, Хајредин Муќа, бидејќи се наоѓа надвор од земјата.

Advertisements

Одбраната истакна дека на наредната седница, закажана за 2 јули, доколку Муќа не биде присутен, ќе обезбедат друг претставник. Судот, пак, најави дека ако не се обезбеди претставник, ќе назначи друг по службена должност.

Во декември минатата година, Апелациониот суд ја прифати жалбата на обвинетите и ја поништи пресудата на Основниот кривичен суд, со која сопственикот Хаџиу беше осуден на 20 месеци затвор.

Случајот не е директно поврзан со причините за несреќата со автобусот на „Беса Транс“ од 23 ноември 2021 година во Бугарија, кога загинаа 45 лица, туку на фалсификување на сертификатот за лиценцата на автобусот. Според првостепената пресуда, која се базираше на обвинението на Обвинителството, Хаџиу преку возачите кои го управувале автобусот, користел фалсификуван сертификат за лиценца, кој не бил издаден од Министерството за транспорт и врски. Со истиот автобусот над 20 пати ја преминал државната граница.

Одбраната негира дека станува збор за фалсификат и тврди дека за да има фалсификување, мора некој да изготви лажен документ, што според нив, не се случило во овој случај. Сепак, Обвинителството останува на ставот дека доказите покажуваат оти автобусот на „Беса Транс“ користел општа лиценца, наменета за работењето на правниот субјект, наместо специјализирана лиценца. Судскиот процес започна на 15 ноември 2022.

Суад Бајрами

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button