Одложено е потпишувањето на договорот за заеднички инспекции

Се одолговлекува меѓуопштинскиот договор на Град Скопје за заеднички инспекции со сите градски општини. Иако првично беше најавен за октомври, па за оваа недела, Шилегов сега најавува ново пролонгирање. Градоначалниците неделава допрва ќе го доусогласуваат договорот за заеднички инспекции. Градскиот татко тврди дека сите градоначалници во Скопје се согласни за ваков потег.
„Нема несогласувања, меѓутоа пак, влеговме во период во којшто работните средби се заречени заради пандемијата, можеби за нијанса ќе задоцниме меѓутоа тој договор е политичка волја и усогласен на сите нивоа“, рече Шилегов.
Договорот треба да овозможи размена на инспекциските ингеренции меѓу градот и општините во Скопје и да понуди пофункционална инспекција. Проблемот со градежната инспекција се наметана по случајот со уривањето на дивоградбата кај трговскиот центар Мавровка во Скопје, додека инспекциите за животна средина влегуваат во фокусот на јавноста со загадувањето на воздухот. Невладините веќе предупредија дека кај локалните инспектори постои ризик од корупција, бидејќи се ангажирани и одговараат пред градоначалниците.
Игор Стефановски