Одложено рочиштето против Рашковски, нема кој да го застапува обвинението

Холивудскиот судски процес, како што го најавуваше Рашковски, никако да почне. Неуспешен и вториот обид за старт на судењето за злоупотреба на службата на Драги Рашковски кога беше генерален секретар на Владата. Судската сала во Кривичниот суд денеска остана празна. На обвинителката Ивана Трајчева ѝ заврши мандатот во Обвинителството за гонење на организиран криминал и не можеше да го застапува предметот.
„Се надевам дека Советот ќе даде придонес бидејќи е потребно да се изберат јавни обвинители со оглед дека на дел им истече мандатот, а таков е случајот и со јавниот обвинител кој досега го застапуваше овој предмет“, рече Фанка Јанчулева – Михаиловска, судијка.
Обвинителката Трајчева деновиве во суд официјално не застапуваше предмети, но доаѓаше на рочишта. Друг обвинител наместо неа беше официјален застапник на обвинението. Покрај на Трајчева, истечен е мандатот и на уште четворица обвинители од Организиран криминал. Дали на истите нив ќе им биде продолжен мандатот или ќе се изберат други во обвинителството на Вилма Русковска, допрва ќе одлучи Советот на Јавни обвинители. Кога ќе се случи тоа, судењето ќе може да продолжи.
Инаку, на Рашковски му се суди за неколку дела. За набавка на софтвер за потребите на МВР, кој сам го креирал. Станува збор за софтвери за сообраќајни прекршоци и за биометриска идентификација. Му се суди и поради тоа што ангажирал соработници во Владата, кои не работеле, но дел од нивниот хонорар му го давале нему.
Игор Стефановски