Одложено судењето против поранешниот директор на Онкологија, Васев и тројца онколози

Судскиот процес против четворица лекари онколози, меѓу кои и поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев за несовесно лекување на пациенти, во предметот „Онкологија“, се одложи за 5 септември поради отсуство на второобвинетата Мери Пешевска.
Во Основниот кривичен суд Скопје денеска на обвинителна клупа седна првообвинетиот Никола Васев и двајца обвинети онколози Симонида Црвенковска и Драган Јакимовски, додека за Пешевска нејзиниот бранител, адвокат Јовица Страшевски до Судот достави медицинска документација од 10 јули и барање за одлагање на денешното рочиште.
Одбраната, пред почетокот на денешното рочиште, достави дополнение на докази со кои се спорат вештачењата на Обвинителството.
Адвокатот на Нино Васев, до Судот доставил дополнителен доказ, со кој, како што наведе, се докажува дека лицето Маја Радник, нема статус на лице судски вештак во Словенија.
-Сметам дека доказите обезбедени од Обвинителството кои се однесуваат на вештачење од Словенија треба да бидат издвоени и да не бидат ценети во постапката, реагираше адвокатот.
Јавната обвинителка Ана Гоговска Јакимовска, на тоа наведе дека Обвинителниот акт ја поминал процедурата за оцена и нејасно е зошто ова не било акцентирано во тој дел.