Одложено судењето за Таргет -Тврдина

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска се одложи судењето за предметот „Таргет-Тврдина“, повторена постапка, бидејќи еден од адвокатите на обвинетите доставил медицинска документација дека е здравствено спречен поради операција.
Како што информираше претседателот на Судечкиот совет, судијата Илија Трпков, тоа бил адвокатот Петар Василев, но на денешното рочиште не беше присутен ниту јавен обвинител. Судењето е одложено за 19 септември.
Во првичната пресуда за нелегалното масовно прислушување, обвинетите добија затворска казна вкупно од 55 години од кои 12 години за поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“. По 15 години добија Горан Грујевски и Никола Бошковски, шест години му беа изречени на Тони Јакимовски, четири на Гордана Јанкуловска и три на Надица Николиќ. Условни затворски казни во траење од две години им беа изречени на Маријан Шумуликоски, Владимир Варелов, Васил Исакоски, Валентина Симоноска и Силвана Златова.