Одложеното полугодие може да ги пасивизира учениците

Наставниците се поделени дали продолжениот зимски распуст негативно ќе се одрази на учениците и дали ќе можат да го надополнат целиот пропуштен наставен период. Наставничката Хатиџе Топали оценува дека врз основа на бројните изостаноци на учениците на крајот на декември поради симптоми на настинки, одложувањето е разумно.
„Кога се продолжува распустот, тоа не влијае добро, но од здравствени причини и од страна на децата и од наставниците мислам и верувам дека овие 8 дена нема да се одразат негативно. Ние како наставници ќе дадеме сè од себе и ќе успееме да ги надоместиме пропуштените часови. Од 180 дена, планирани се 172 дена. Осум дена не се премногу. Подобро е да се продолжи за 8 дена ако тоа има позитивен ефект врз ситуацијата, отколку целосно да одиме онлајн“, вели Хатиџе Топали, учителка.
Нејзиниот колега, Сатки Исмаили, вели дека продолжениот одмор е непријатно изненадување. Според него, не треба да се носи одлука која им одговара само на високите државни институции, туку и на менталното здравје на децата.
„Тоа е продолжение на последиците од претходниот период, стагнација, 10-дневен вакуум. Ќе има последици и фаза на адаптација. На 1 февруари ќе продолжиме во училиште, но фазата на адаптација ќе трае уште една недела додека учениците не бидат соодветно приспособени, да постапат по упатства што мора да им ги дадеме ние наставниците. Знаеме дека го сакаме здравјето, но мора да внимаваме дека и менталното здравје е многу важно“, вели Исмаили.
Поради зголемениот број на новозаразени со ковид, стартот на второто полугодие е одложен за 1 февруари, а требаше да започне минатиов четврток.
Мелихате Рустеми