ОДЛУЧЕНО – старите возачки дозволи ќе важат цела 2024 година
ОДЛУЧЕНО - старите возачки дозволи ќе важат цела 2024 година

Со 90 гласови „за“, ниту еден против или воздржан, пратениците денеска ја продолжија важноста на возачките дозволи со старото уставно име. Измените беа направени во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, со што се помести рокот за смена на овој документ до крајот на годинава, поточно до 31 декември. Измените беа експресно усвоени во скратена постапка, а нив ги предложија пратеници и од власта и од опозицијата. Ваквиот потег претходно го поздрави шефот на државата Стево Пендаровски.
„Треба да се сменат во тие следни десет месеци околу 270 илјади возачки дозволи и тоа е изводливо. Добро е што се оди во таа насока и што партиите и од власта и од опозицијата постигнаа конечно консензус за едно прашање кое е од значење за сите граѓани“, рече Стево Пендаровски – претседател.
Утринава пак, техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека преку пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесува измени во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата со цел да се продолжи важноста на возачките дозволи. Сепак, тој воедно поднесе и измени во Законот за патни исправи на државјаните, за да се продолжи и рокот на пасошите. Овие измени попладневно не беа ставени на дневен ред пред пратениците. Според Тошковски, ваквите измени за роковите за пасошите не би значеле прекршување на Преспанскиот договор со Грција. Претходно официјална Атина веќе започна да ги известува државите и меѓународните организации дека пасошите од Македонија важат до 12-ти февруари, ако тие не го содржат уставното име на земјава.
„Само матична држава којашто издала документ може да го поништи тој документ. Многу е просто. Второ, одговорно тврдам дека со овие предлог измени не кршиме принцип на „pacta sunt servanda“, поврзан со меѓународно право и билатерални договори“, додаде Панче Тошковски – технички министер за внатрешни работи.
Инаку, Тошковски уште информира дека во моментов нема доволно обрасци ниту за пасоши, ниту за возачки дозволи./Алсат.мк
Лука Андреев