Одземени телефоните на осомничените во „Јавна соба“

Новото кривично дело „демнење“ нема да ги опфати моментално осомничените за случајот „Јавна соба“. Ова е така бидејќи законското решение нема да важи ретроактивно, туку ќе се однесува за делата сторени од денот на стапување на сила на законот. Од Министерството за правда за Алсат велат дека измените на кривичниот законик оваа недела ќе ги испратат во Владата на усвојување.
„Измените на Кривичниот Законик кои ги подготви Министерството за правда се направени во консултации и соработка со повеќе невладини организации и здруженија“, наведуваат од Министерството за правда.
Кривичното дело „демнење“ носи парична казна или затвор до три години. Ќе се казнуваат оние кои подолго време следат некого, прогонуваат или се мешаат во личниот живот на друг. За ова, тие ги злоупотребуваат личните податоци на жртвите, телекомуникациските или други системи на комуникација. Казни ќе добиваат и оние кои други лица психички ги злоставуваат, вознемируваат или им нанесуваат страв. Полицијата во случајот „Јавна соба“ досега приведе четири лица. Нив ги пушти дома, но им ги одземаа телефоните за да ги вештачат.
Секторот за компјутерски криминал во МВР бара докази во мобилните телефони на претходно приведените лица. Проверуваат какви фотографии и видеа препраќале на платофрмата „Телеграм“. Во меѓувреме, се појавија и други групи со идентична содржина на „Телеграм“, во кои членуваат и државјани од Србија.
Игор Стефановски