Официјално Скопје со осуда за руските напади врз Украина

„Воените дејствија кои Русија ги презема над Украина неизбежно ќе водат до загуба на човечки животи и материјална штета“, истакна претседателот Стево Пендаровски, кој покрај осудата за настаните, го свика и Советот за национална безбедност.
„Како НАТО членка, се приклучуваме кон повикот на Алијансата насочен кон Русија за прекин на воените дејствија на територијата на Украина. Во име на граѓаните на Северна Македонија, изразувам солидарност со украинскиот народ во овие тешки времиња“, порача претседателот Пендаровски.
Осуда пристигна и од премиерот Димитар Ковачевски.
„Војната е најлошиот начин за решавање на недоразбирањата, а агресијата врз Украина е закана и за европскиот и светскиот мир. Владата ја следи многу внимателно состојбата во Украина. Безбедносната состојба во нашата земја е стабилна и во овој момент не постои директна закана за безбедноста на Северна Македонија“, рече Ковачевски.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери пак, истакна дека Украина не е географски далеку одовде и ако воените дејствија ескалираат, дијалогот треба да има приоритет.
„Не е далеку од причина што последиците се далекусежни и многу значајни. Не само од воен аспект или географски аспект, туку особено од економски аспект, секако ќе има соодветни влијанија“, рече Џафери.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска, рече дека ја осудува воената агресија на Русија и го поддржа повикот на НАТО за запирање на воените дејствија на Русија, за кои рече дека се закана за безбедноста на Европа. Изјава за настаните даде и германската амбасадорка во земјава.
„Ова е за нас еден од најцрните периоди во нашиот живот. Никој не можеше да верува дека ова навистина ќе се случи овде во Европа…“, рече Анке Холштајн – амбасадор на Германија.
Од друга страна, според информациите што за дел од медиумите ги сподели амбасадорот на Македонија во Киев, Крум Ефремов, македонски државјани, односно две семејства побарале да бидат евакуирани, а во моментов цивилни летови од таа земја нема.
Освен на Советот на безбедност, состојбата во Украина беше разгледана и на владина седница, на која Владата го задолжи МНР да ги прибере барањата на сите наши државјани кои се наоѓаат во кризните региони во Украина и кои ќе побараат привремена заштита и сместување. Инаку, домашните власти ја разгледуваат и можноста за евакуација на нашите дипломати од Украина.
Лука Андреев