„Огнените“ нема да учествуваат на изборите на ДУИ во Чаир и Бутел

Сè додека не се објават кандидатурите за избор на претседатели на ограноците на ДУИ, од Огнената група велат дека секоја активност во партијата е антистатутарна, а изборите нерегуларни. Висар Ганиу вели дека по обидот на „артанистите“ да ги исклучат Огнените, сега органите на ДУИ немаат целосен состав на членови и секоја нивна одлука не е полноправна, па дури е и антистатутарна.
„Не учествуваме во Чаир и Бутел, бидејќи првиот човек на партијата претходно повика кој да биде претседател во Чаир, кој да биде во Бутел, така што другите се само про-форма“, вели Висар Ганиу, ДУИ.
Ганиу вели дека конкурсите во ограноците само изгледаат демократски, формално има повеќе кандидати, но всушност се наместени.
„Гледате дека противкандидатите се блиски пријатели од маалата од каде што доаѓаат. Имаат противкандидати колку да се каже, за да ја зачуваат демек демократијата. Можеме да кажеме дека падна целиот систем на ДУИ, нема одговорност за никого. Така што, мислам дека се случува големо кршење на статутот. Некој треба во иднина да одговара за тоа што се случува“, додава Ганиу.
Но, Беким Незири, кој е еден од кандидатите за претседател на огранокот во Чаир, вели дека сè се одвива според процедурите.
„Процесот на регистрација помина според планираното, колку што знам, пријавени се над 3.000 активисти. Презентиран е процесот на поднесување кандидатури за сите инстанци, почнувајќи од месни совети, кандидати за месни совети, кандидати за членови на ограноци, а информациите се дека досега има двајца кандидати за членови на ограноците во Чаир“, рече Беким Незири, кандидат за огранок на ДУИ – Чаир.
Незири вели дека одржува приватни контакти со сите членови на „Огнената група“, но не и политички контакти.
„Во политичка смисла, во овој момент нашите патишта се разделија, но во иднина може повторно да се спојат. Очекувате поддршка од нив? Се разбира доколку се регистрирани очекувам поддршка од нив“, додава Незири.
Изборите во ограноците на ДУИ се во фаза на поднесување кандидатури. Досега во Чаир кандидати ќе бидат Беким Незири и Реџеп Адеми, Муарем Асани се бори за огранокот во Бутел, Ридван Асани за Куманово, поддржан од потпретседателот на ДУИ Арбер Адеми и Фитор Јакупи поранешен војник на ОВК. Во огранокот во Сарај нема никакви активности.
Сè уште не се знае што ќе се случува во Струга каде внатрепартиските изборни активности се запрени поради ставањето на актуелниот шеф на огранокот, Рамиз Мерко, во американската црна листа.
Мефаил Исмаили