Ограничената маржа не ги намали цените на производите
Ограничената маржа не ги намали цените на производите

Владината мерка за ограничување на маржата за прехранбени производи не се одрази на цените на 73 производи во есенската кошничка. Екипата на ТВ АЛСАТ посети неколку маркети каде од блиску увиде дека не се почитува владината одлука. Никаде не беше поставен натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“. Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека секој што ќе ја прекрши одлуката и нема да ја спроведе, ќе биде санкциониран.
И граѓаните забележаа дека цените на производите не се променети.
„Не видов дека има пониски цени. На пример лебот, вчера беше 43, денеска 43. Нема разлика. Не верувам дека ќе сменат, тешко е. Цените може да растат, но намалувањето е проблем“, рече еден граѓанин.
„Не, цените се исти. Високи се за нашиот стандард. Нема ништо, за лекови, за сметки, не може да врземе месец. Тешко е, немаш за лекови, за храна, за било што“, додаде друг граѓанин.
„Само два-три денари. Повторно се високи за тоа колку пари имаме. Не сме задоволни, да има повисоки плати за народот да јаде леб“, нагласи друг граѓанин.
Минималната кошничка за четиричлено семејство за месец септември надмина илјада евра, поточно изнесува 61.306 денари, што бележи зголемување од 107 денари во однос на месец август./Алсат.мк
Линда Ебиби