Охрид, дарување крв во супстандардни услови, Трансфузиологија пред распаѓање

Креветите на кои крводарителите даруваат крв во Охрид се стари и дотрајани. Прозорците и плочките се крајно оштетени и има само четири кревети за дарување крв. Во вакви услови работи охридската трансфузија. Во истата зграда се сместени болничката лабораторија, физикалната медицина, но и Одделот за патологија каде се носат починати лица.
„Треба да се размислува за еден подобар крводарителски простор. Мислам дека се сосема некомпатибилни во однос на тоа што треба во една ваква ситуација…“, вели еден крводарител.
И медицинскиот персонал кој работи на ова место е свесен за условите.
„Се трудиме, се навикнавме во овие услови да работиме. Хумана сум јас, хумани се и моите вработени и пред сè ни се дарителите, пациентите, отколку условите. Но, да имаме подобри услови би било подобро и за нас и за нив“, вели Снежана Латовска – лекар.
-Од она што може да се види ниту шајка не ставена?
„Ништо не е ставено…“, додава Латовска.
Од и Црвениот крст во Охрид признаваат дека сликата во овој центар е поразителна.
„Навистина е поразително трансфузиолошката служба во Охрид да работи во такви услови и мислам дека Институтот за транфузиона медицина во Скопје, треба да направи напор да обезбеди многу достоинствени услови за крводарителите, но и за персоналот кој работи таму“, рече Сашо Точков-претседател на црвен крст Охрид.
Директорот на охридската болница, Горан Балев, ни рече дека на Институтот од Скопје можат да му понудат соодветен простор во кругот на болницата за да се изгради нов објект. Алсат го контактираше директорот на Институтот, Садула Усеини, но иако ни рече дека ќе ни даде одговори, тоа не се случи.
Бојан Стојановски