Охрид две години без детско одделение, се најавуваат протести

Ако до крајот на октомври нема решение за детското одделение во охридската болница, кое две години работи само како обична амбуланта, се најавуваат протести. Ова го соопштуваат од иницијативата „Спас за детското одделение во Охрид“. Иако во меѓувреме се сменија тројца министри за здравство, нивните ветувања за решавање на проблемот, останаа само на празни зборови.
„Во периодот работи како некоја трафика или бутик од 8 до 20 часот секој ден од понеделник до петок. Како да одите на пазар работи од-до и тоа треба да се промени…“, рече Влатко Стојкоски, иницијатива „Спас за детско одделение“.
Децата и нивните родители во викенди, ноќно време или кога е потребна хоспитализација патуваат во Струга.
„Засега ситуацијата е како непишано правило, моите деца во петок вечер или за викенд ќе кренат температура или ќе се разболат и морам да одам за Струга. Се случува, бидејки има голем број на дечиња од цела струшка околина, чекаме по два часа да се прегледаат децата, два часа инфузија, четири часа сме таму…“, вели Викторија Каневчева, родител.
„И стружани сега потешко доаѓаат до термин за децата. Мислам дека и од Дебар, во Струга ги носат и од Охрид. Треба секој град да има детско одделение. Во секоја нормална држава е тоа, кај нас не знам како ова функционира…“, вели еден граѓанин.
„Јас со внук ми имам проблем. Секогаш кога одам Струга, тоа е страшно, немаат чекална. Луѓето се љубезни, преофесиоанлни но толку можат да постигнат…“, додаваат граѓаните.
На овој начин одделението работи од ноември 2021 година, откако остана само со двајца педијатри, од кој едниот во меѓувреме замина во пензија. Од директорот на болницата Асен Шајн, од Иницијативата добиле ветување дека проблемот ќе се реши. Тројца педијатри од Струга прифатиле да дежураат во Охрид, а имало и две специјализантки.
Мики Трајковски