ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Охрид и Струга тријат раце од летната сезона

Охрид и Струга тријат раце од летната сезона

Повеќе од 200.000 странски туристи го посетиле охридско-струшкиот регион од почетокот на туристичката сезона досега, информираат од Хотелската асоцијација на Македонија. Станува збор за остварени нешто над 1 милион ноќевања кои се реализирале во хотелските капацитети и во дел од приватното сместување.

„Поголемиот дел дијаспората не влегува во овој број. Кога би се земало и тоа како бројка, тогаш бројката надминува многу повеќе. За оваа година очекуваме дека во текот на целата година ќе има блиску до 2 милиони ноќевања“, изјави Крсте Блажески-претседател на ХОТАМ.

Од туристичкиот сектор се задоволни како помина летната сезона. Велат дека според сите параметри, таа ќе биде речиси на исто ниво, ако не и подобра од 2019, која беше најдобра во туризмот во последните дваесеттина години.

„Сезоната беше повеќе од очекувана. Имаше со еден збор наплив на странски гости. Се бараше кревет повеќе. Многу хотели, ако порано зборувавме за две или три дати во текот на сезоната каде немаше место, оваа година имавме 10 до 15 дена каде не можеше да се најде соба во било кој хотел во Охрид и Струга“, нагласи Крсте Блажески-претседател на ХОТАМ.

„Генерално Охрид во последните 10 години, оваа сезона е една од подобрите, а можам да речам и најдобрите. Задоволни сме од интересот на гости, секако дека секаде има некои мали проблеми. Сè почна во март месец 15-ти март, а имаме гости до крај на октомври. Тоа значи дека шест-седум месеци континуирано имаме работа. Тоа е позитивно за туризмот во Охрид и Струга“, рече Муса Рашид-сопственик на хотел.

Добро ќе биде и во следните два месеца. Во септември и првата половина на октомври, хотелите ќе бидат околу 80 отсто исполнети.

Инаку, ова лето најбројни беа индивидуалните гости од Турција, Холандија, Полска, Србија, Белгија и Англија. За периодот јануари-јули од наплата на туристичка такса од хотели и приватни станоиздавачи, општина Охрид инкасирала над 7 милиони и 700 илјади денари. Најмногу профит донел јули, над 4 милиони денари.

Според податоците на Државниот завод за статистика, за дури 40 проценти е зголемен бројот на странски туристи од јануари до јуни во спредба со истиот период лани. Засега нема податоци за шпицот на сезоната за месеците јули и август.
Најмногу ноќевања оствариле гостите од Турција, а по нив следуваат Холанѓаните и Полјаците.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button