Охрид – Монтажната болница ќе се изгради до Нова Година

Наместо монтажна болница, на локацијата каде истата требаше да биде поставена во кругот на општата болница во Охрид, има само трева. Теренот не се ни подготвува за поставување на болница. Слична е состојбата и во Струга и во други градови каде беше најавено дека ќе има вакви болници, за прием на зголемениот број на заразени од корона вирусот. Од болницата во Охрид, тврдат дека подготовките биле во тек, иако на терен нема никакви активности.
„Очекувам дека до Нова година сето тоа ќе се реши, меѓутоа и да не се реши болницата има доволно капацитет и доволно сместувачки кревети. Ние си имаме наш кризен штаб во болницата и наше некое сценарио како да ги иселиме некои делови од болницата, како што летото беше иселен одделот за хирургија. Ако и тоа не биде ќе мора да иселуваме или да преадаптираме други оддели од болницата и мислам дека во ниеден момент градот нема да биде оставен без лежечки кревети“, рече Горан Балев-директор на општа болница Охрид.
Од општина Охрид велат дека според договорот кој го склучиле со Министерството за здравство тие треба да ги направат подготовките за уредување на просторот со тампонирање и приклучување на водовод, канализација и струја.
„Ние сме во фаза на подготовки, треба да изработиме проект да знаеме каде ќе се поставуваат инсталациите што е во моментов најважно и да почнеме да го средуваме просторот.Немаме добиено некој рок до кога мора да го завршиме просторот. Но, од наша страна во нашите развојни програми и во буџетот такви средства немаме предвидено. Од одделението при локалната самоуправа за јавни набавки сме информирани дека заради ситуацијата со ковид 19 може да одиме со кратка набавка и да се предвидат дополнителни средства затоа што тоа ќе ја чини нешто општината“, изјави Томе Нанески-ракодовител на сектор за комунални дејности во општина Охрид.
Од болницата тврдат дека располагаат со доволно доктори и друг медицински персонал. Дел од кадарот кој моментално работи во општата болница ќе се распредели и во модуларната болница. Од болницата во Струга велат дека до министерството ги поднеле сите неопходни документи за предложената локација, и од таму чекаат насоки кога ќе почне изградбата.
Мики Трајковски