Охрид се чини влегува во листата на загрозени подрачја под заштита на УНЕСКО

Охрид се соочува со опасноста да се најде на црната листа на загрозени подрачја под заштита на УНЕСКО откако дел од препораките на реактивната мисија на Светската организација за заштита на културното и природното наследство не се исполнети. Извештајот на УНЕСКО е готов и треба да биде јавно објавен во јануари. Него го очекуваат и локалните власти.
„Прашањето не е сега дали Охрид ќе остане членка, запишан на листата на УНЕСКО, меѓутоа ќе биде ставен на таа листа во опасност, што значи дека ние поажурно ќе мора да пристапиме кон решавање на проблемите“, рече Константин Ѓеорѓиески-градоначалник на Охрид.
Градоначалникот признава дека со многу од обврските се доцни.
„Доцниме со стратешката евалуација на влијание на животната средина на бесправните објекти, доцниме со отстранувањето на бесправните објекти, бидејќи тоа е еден од најкомплицираните, скапи и најсложените процеси. Касниме со решавањето на депонијата Буково. Доцниме со носењето на урбанистичките планови…“, додава градоначалникот Ѓорѓиески.
Граѓанските активисти велат дека институциите наместо да губат време во уверување на јавноста дека се работи на заштита на регионот, требало интензивно да работат на исполнување на препораките на УНЕСКО.
„Регионот мора да биде преместен на листата на светско наследство во опасност, бидејќи де факто припаѓа таму поради степенот на уништување и игнорантскиот и лежерен однос на македонските власти…“, рече Драгана Велковска-Охрид СОС.
Државата имаше рок до февруари годинава да одговори позитивно на забелешките на УНЕСКО од состанокот во Баку годината претходно, а постигнатиот напредок требаше да се разгледува летово во Кина, но поради пандемијата тој не се одржа.
Мики Трајковски