Охрид; Трансфер на вработени од угостителството во фабриките

Пандемијата со Ковид 19, предизика трансфер на вработени од угостителскиот сектор во некои од фабриките во Охрид,особено во секторот кој се занимава со производство на автомобилски делови, вели Виктор Мизо, директор на фабрика во Охрид. Според него преминувањето на работници од еден во друг сектор, се должи на последиците од корона вирусот, кој одредени гранки силно ги почувствуваа.
„Можам да ви кажам дека во последните 15 – 16 месеци од почетокот на пандемијата, голем број на вработени, посебно од угостителскиот и туристичкиот сектор активно аплицираа за работа и веќе се започнати со работа.Ние во моментов не чувствуваме недостаток на кадар“.
Но, Мизо признава дека сепак се соочуваат со недастаток на стручен кадар.
„Техничкиот кадар е проблем, без разлика дали тие завршиле средно стручно образование или се од некој други бранши, бидејќи навистина треба многу време за обука за подобрување на нивните вештини, за сето она што значи механика и роботика,процеси со кои ние активно работиме. Треба многу време и напор за тие да бидат продуктивни и квалитетни работници“.
И од електро машинскиот училиштен центар во Охрид велат дека има недостаток на квалификувана работна сила и оти се обидуваат да им помогнат на компаниите преку дуалното образование. Сепак наведуваат дека во последните две – три години зголемен е интересот за стручно образование.
„Во моментот компаниите крпарат со разни профили на работници. Завршиле угостителско, економски или некои несоодветни струки па ги преобучуваат.Најчесто се оператори. Недостаток на стручен кадар секако дека постои. Секаде има огласи за вработување во сите охридски компании“.
Претседателот на здружението на угостители од Охрид, Михаил Мишев, вели дека освен пандемијата, проблемот за да ангажираат кадар лежи и во иселувањето на младите. Најчесто ангажираат студенти или лица кои немаат работа. Во однос на платите, Мишев вели дека во последните четири години платите во угостителството се поголеми и со погoлема флексибилност во извршување на работните задачи.
Miki Trajkoski