Охридската полиција спаси четири лица заглавени во езерото откако силниот ветер им скрши дел од едрилицата
Охридската полиција спаси четири лица заглавени во езерото откако силниот ветер им скрши дел од едрилицата

етири лица беа спасени синоќа од водите на Охридското Езеро откако нивната едрилица останала без управување поради механичко оштетување. Брзата реакција на полициските службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“ спречи трагедија.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, на 28 јуни 2025 година, во 19:30 часот, било пријавено дека од пловен објект, кој се наоѓал на околу 2,5 километри од езерскиот брег спроти авто-кампот „Извиднички“, е упатен повик за помош.
„Наши полициски службеници веднаш излегоа на терен со службен глисер и ги лоцираа четирите лица на едрилица кои се наоѓаа во неволја. Сите четворица се успешно и безбедно извлечени и пренесени до станицата кај каналот Студенчишта“, соопштија од МВР.
Од полицијата појаснуваат дека поради силен ветар и бранови дошло до кршење на крмениот лист на едрилицата, по што лицето кое управувало со пловилото ја изгубило контролата.
„Благодарение на навремената интервенција, случајот заврши без повредени. Безбедно е извлечена и едрилицата“, додаваат од полицијата.
МВР уште еднаш апелира до сите граѓани и туристи да внимаваат при користење на пловни објекти и да ги следат временските услови, особено кога се работи за едрилици и објекти без моторен погон.