Охридскиот колекторски систем со тесно грло
Охридскиот колекторски систем со тесно грло

На Охридското езеро му е потребен сосема нов колекторски систем, а не санација на постоечкиот, предупредуваат еколошките активисти. Според нив, тоа е повеќе од неопходно бидејќи постоечкиот колектор е проектиран со капацитет за 60.000 жители. Но, последните години со масовната урбанизација и зголемувањето на бројот на станови, бројот на луѓе е за неколку пати поголем, па колекторот не може да го издржи притисокот.
„Очигледно е дека не може да го издржи повеќе тоа. Особено сега сме сведоци, кога ги гледаме поради климатските промени, иако во блага форма, но се случуваат и кај нас, нагли непланирани и дождови за 10-15 минути. На тоа нешто бевме сведоци и тука во Охрид. Не овој колектор – и уште десет такви колектори не можат да ја примаат таа вода…“, рече Борис Стојаноски- еколошко друштво Грашница.
Поради ова, се случуваше да доаѓа до излевање на фекална и отпадна вода директно во езерото, како и до мешање на фекалните со атмосферските води.
„Тој колектор требаше да биде со пречник, да може камион ДАЈЦ да помине внатре. А, сосема друго се направи. Делот од центарот кон Струга, имаме информација, дека критична е состојбата. И во другите делови, кај Свети Наум, немаме, кај Трпејца немаме…“, додаде тој.
Алсат неодамна информираше дека дел од водата во Охридското езеро, според анализите на Центарот за јавно здравје е од трета и петта класа. Дополнителен проблем е што на само 20% од територијата на Охрид, атмосферската е одделена од фекалната канализација.
„Во градот изгледа секаде канализационите фекални води се приклучени на атмосферски води и кога ќе има силни врнежи, голем доток на вода, тогаш се оди низ цевките кои се за атмосферски води. Се надевам дека тоа ќе се реши за брзо“, нагласи Лидија Симоновска-Центар за јавно здравје.
Делот од Елен Камен до Радожда во Струшко, сè уште не се покриени со никаков колектор, исто како и Трпејца, Градиште и Љубаништа во Охридско кои сè уште на септички јами./Alsat.mk
Мики Трајковски