МАКЕДОНИЈА

Охридскиот пливачки маратон сепак ќе се одржи

Агенцијата за млади и спорт (АМС) со владина поддршка ја презема организацијата на Охридскиот маратон. Како што соопштија од Агенцијата, нема да се дозволи овој познат, реномиран и светски признаен пливачки маратон да престане да се одржува.

„И годинава Охридскиот маратон во водите на Охридското езеро ќе ги пречека сите пријавени учесници и ќе продолжи да биде атракција…“, наведоа од АМС.

Повеќе детали ќе бидат соопштени утре во Охрид. Инаку, од кабинетот на претседателот на државата, кој е покровител на настанот, вчера соопштија дека маратонот нема да се одржи поради тоа што пливачката федерација имала блокирана сметка. Тоа предизвика негативни реакции во јавноста, па локалните власти во Охрид соопштија дека тие ќе го организираат.

„99% маратон ќе има. Разговарајќи со клубовите, ние имаме две-три години неисплатен награден фонд кон пливачите. И ние од сношти почнавме да пуштаме покани преку федерацијата…“, изјави Кирил Пецаков-градоначалник на Охрид.

…За една трка со 30 пливачи, потребно е да се ангажираат околу 200 луѓе. Охридскиот маратон се плива од Свети Наум до Охрид со должина од 30 километри. Традиционално се одржува последната недела од август.

„….За 24 часа ние со Црвен крст можеме да го стокмиме маратонот утре да пливаме. Донесете вие пливачи и обезбедете ги средствата…“, рече Кочо Паскали-пливачки клуб Охридски бранови.

Од возобновувањето на маратонот во 1992 година, редовно секоја година имало финансиски проблеми.

„…Цела светска елита доаѓаше во Охрид. Но, имаше ред и поредок. Сметката на федерација е блокирана повеќе од 10 години…“, додава Паскали.

Градоначалникот Пецаков вели дека за да се организира пристојна манифестација, потребни се најмалку 50.000 евра. Охридскиот маратон годинава слави јубилеј 60 години постоење….

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button