
Со повисоки цени охриѓани ќе ги пречекаат гостите за претстојниот првомајски викенд. Освен поскапи аранжмани во сместувачките капацитети, цените ги зголемија и сопствениците на пловни објекти. Ако сакате да се напиете едно кафе покрај езеро, ќе треба да одвоите од 90 до 150 денари. Но, од туристичкиот сектор тврдат дека Охрид и понатаму е најевтина туристичка дестинација во регионот.
„Цените во однос на горивото, ги зголемивме. Околу 20%. Тоа е сега некоја цена колку да ги покриеме трошоците за горивото. Во однос на луѓето кои сакаат да ја направат таа прошетка не е многу…“, рече Зоран Анѓелоски- бродар.
Хотелските капацитети и во Охрид и Струга се солидно исполнети со околу 70%.
„За првомајските празници интересот бележи пораст во споредба со минатите години. Се враќаме на годините пред ковид-кризата… Само преку нашата агенција имаме пет-шест големи групи од Полска, Мексико, Норвешка, Данска“, рече Јаким Маленко-туристички работник.
Од туристичкиот сектор сметаат дека сега е потребна поагресивна промоција на целиот охридско-струшки регион.
„…Охрид не треба да е сам за себе. Охрид треба да е дел од една балканска тура, каде луѓето би останале ден-два или неминовно би поминале низ таа балканска тура низ Охрид. Тоа сè почесто го прават странските агенции, но треба да бидеме маркетиншки повеќе јаки“, рече Љупчо Јузмески-туристички водич.
Во Охрид и Струга се смета дека каков ќе биде Први мај со гости, таква ќе биде и летната туристичка сезона.
Мики Трајковски