Охриѓанец ем паднал во шахта, ем треба да плати оштета на Јавното претпријатие

Наместо да биде обештетен, поради повредите со кои се здобил, паѓајки во отворена и необезбедена шахта на улица во Охрид, охриѓанецот, Илија Џепароски, вели дека сега тој на Јавното претпријатие Нискоградба,треба да исплати судски трошоци во висина од 129.000 денари. Ваква одлука донел Основниот суд во Охрид. Со камати оваа сума сега достигнува 200.000 денари вели Џепароски.
„Не да барам оштета туку го изгубив спорот и сега јас сум во таква ситуација, што треба јас да плаќам оштета на претпријатието Нискоградба. Шахтата беше отворена, во шахтата претходниот месец падна една постара жена. Една година шахтата си стоеше отворена. Судијата по брза и кратка постапка не ги зеде нашите докази. Повикав само еден минувач кој ме креваше од шахтата. Имав и посекотини. Со едно образложение пресудата беше сум морал да гледам каде одам. Да биде поголем апсурд, се жалевме и во Битола, во пресудата пишува дека шахтата била обезбедена“, вели Илија Џепароски, жител на Охрид.
Џаперовски барал оштета во висина од 3 милиони денари. Тој вели дека одлуката на Судот е без преседан.
„Во Европа да се случи граѓанин да падне во отворена шахта и канал, дали тој ќе биде осуден или судиите во Европа ќе ја осудат државата или граѓанинот. Шахтата беше од метро, на нејзе имаше фрлено камења ,едно 60 сантиметри беше отворена.После два дена после случката, Нискоградба ја санира шахтата. Што е најтрагично ми стигна писмо од извршител за извршување на санкциите“, додава Џепароски.
За овој случај тој се обратил ка екс министер за правда Тупанчевски, а ќе го информирал и новиот министер за правда Кренар Лога и претседателот на државата. Предметниот судија Богоја Стрезоски, вели дека неспорно било дека тужителот имал повреди, но оти не се докажало дека ги здобил при пад во отворена шахта.
Мики Трајковски