ОЈО: Антикорупциска да се држи до надлежностите и да не нанесува штета на постапките

Јавното обвинителство ја оценува како целосно беспредметна и непотребна иницијативата на Државната комисија за спречување на корупцијата во врска со конфискацијата на имотот во предметот „Труст“.
Иако Јавното обвинителство ќе ја прими иницијативата како и секоја друга претставка, крајно е нецелисходно ДКСК да поднесува иницијативи за кривично гонење за предмети во кои обвинителството веќе постапува, велат од Обвинителството.
Државната комисија за спречување на корупцијата иследувајќи ја целата постапка која во судот се водеше против бизнисменот Сеад Кочан и неговата компанија Трансмет откри низа злоупотреби со кои е оштетен буџетот на РСМ и донесе одлука до Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да достави иницијатива за сомнежи за намерно оштетување на доверители – РСМ и други, по пат на фалсификување документација, измама и перење пари, со цел обезвреднување на имот кој бил во сопственост на РСМ и преземање на неговата сопственост од страна на друго правно лице.
Во денешната реакција од ОЈО се наведува дека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција има оформен предмет во кој се опфатени неколку кривични пријави и во чии рамки се испитува постапувањето на сите институции при конфискацијата на имотот на „Трансмет“.
„Во рамките на тој предмет обезбедена е целокупната документација, вербални и материјални докази и надлежниот јавен обвинител е пред донесување на јавнообвинителска одлука. Како еден аспект од целиот предмет, нагласуваме дека надлежниот јавен обвинител, согласно сите обезбедени докази и направени проверки, веќе согледа дека во јавнообвинителското постапување во предметот „Труст“ не е направен никаков пропуст. Оттука, со јавната седница на Државната комисија за спречување на корупцијата веќе е нанесена непотребна штета и на Јавното обвинителство како институција и на јавните обвинители кои постапувале во предметот“, велат од Обвинителството.