ОЈО бара мерки за претпазливост за последниот 19-ти осомничен на кого беше проширена истрагата за пожарот во Кочани

Основното јавно обвинителство Кочани денеска до Основниот суд во Кочани достави предлог за определување мерки за претпазливост за последниот 19-ти осомничен на кого беше проширена истрагата за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, информираат од Обвинителство.
Бројот на осомничени за пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани достигна 52 физички и три правни лица, откако Обвинителството викендот ја прошири истрагата со уште 19 лица.
Од новоосомничените, тројца биле министри за економија, тројца овластени градежни инспектори во Општина Кочани, тројца директори на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), еден генерален инспектор во ДЗС, три службени лица во Министерство за економија, двајца државни секретари во Министерството за економија и четири пазарни инспектори во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата, бидејќи според Обвинителството, досега нема ниту еден доказ дека од него било побарано продолжување на лиценцата на објектот на клубот „Пулс“ во Кочани.