ОЈО по екстрадицијата на Палевски: Истрагата е во завршна фаза

По екстрадицијата на Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничениот за киднапирањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панчо Жежовски во ноември минатата година, од обвинителството информираат дека истрагата е во завршна фаза, додека обвинителот презема истражни мерки за проверка на доказите кои не можат да бидат споделени со јавноста.
„По екстрадицијата на првоосомничениот од Турција, јавниот обвинител продолжува со преземање истражни дејствија за случајот со киднапирањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. За 5-те осомничени, од кои 3-ца соизвршители за тешки кривични дела – две киднапирања и две свирепи убиства, 1 осомничен за помагање при киднапирање малолетно лице и 1 осомничен дека помагал по извршување на кривичното дело, истрагата е во завршна фаза“, наведуваат од ОЈО.
Палевски беше екстрадиран со комерцијална линија од аеродромот во Истанбул. По пристигнувањето во Скопје, полициската единица за соработка со Интерпол со четири цивилни возила го испрати во затворот Шутка. Нему претходно му беше одреден 30-дневен притвор.
Според затворските власти, за Палевски се спроведуваат посебни безбедносни протоколи. Ставен е во посебни простории, нема контакт со други луѓе,а храната му се проверува пред да му се послужи. Како и сите приведени, и Палчо бил на лекарски преглед, за кој немал никакви поплаки. Според истрагата, велешанецот Панче Жежовски бил киднапиран на 22 ноември 2023 година а истиот ден бил и убиле и закопан во Велес. Пет дена подоцна, на 27 ноември, беше киднапирано и девојчето Вања Ѓорчевска.
Според истрагата, таа била убиена само два и пол часа по киднапирањето и закопана во скопското село Бразда. На истото место беше пронајден и автомобилот на Жежовски. Во притвор се и Влатко Кашишов, Велибор Маневски и Боре Видевски. Во притвор беше и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој е осомничен дека на Палчо му дал информации за распоредот на движење на Вања. Во моментов тој е во домашен притвор, откако Врховниот суд ја прифати неговата жалба.
Суад Бајрами