МАКЕДОНИЈА

ОЈО Тетово бара повисока казна од досудените две години за обвинетиот што ја прегази Теодора Ристовска

Основното јавно обвинителство Тетово бара повисока казна за обвинетиот Менсур Пајазити кој на почетокот на месецов беше осуден на две години затвор за сообраќајната несреќа во која смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристовска.

Пресудата што ја одреди судијата Елмедин Ферати во повторениот судски процес, кој почна и заврши на 7 април предизвикаа жестоки реакции во јавноста, конкретно околу висината на одредената казна.

Advertisements

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денеска соопшти дека надлежното Обвинителство во Тетово изјавило жалба на донесената пресуда, која се однесува токму на висината на кривичната санкција.

Според обвинителот, како што се наведува во соопштението, изречената казна е преблага во однос на тежината на стореното кривично дело и степенот на кривична одговорност на обвинетиот.

„Меѓу околностите поради кои Обвинителството бара построга казна се особено тешките последици од сообраќајната несреќа, во која пешакот Теодора Ристовска се здоби со тешки телесни повреди од кои потоа почина“, се вели во соопштението.

Дополнително, од Обвинителството велат дека го имале предвид мислењето што Судскиот совет го изнесе во врска со овој предмет, пред тој да биде правосилно завршен, но ставот на надлежниот обвинител е дека сепак има простор за корекција на санкцијата.

Оттаму наведуваат и дека Јавното обвинителство во претходната постапка за овој настан во ниту еден момент не се согласило со двегодишната затворска казна за обвинетиот Менсур Пајазити.

„Освен тоа, општиот јавен интерес, предизвикан од зачестеноста на вакви кривични дела како појава, укажува на потребата од јакнење на казнената политика како превентивен механизам, па јавниот обвинител одлучи да ја искористи законската можност и да побара од Апелацискиот суд Гостивар да ја преиначи казната во повисока“, велат од Јавното обвинителството.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button