Околу 30% од институциите не одговораат на прашањата од новинарите

Имплементацијата на законодавството кое овоможува слободен пристап до информации заостанува во целиот регион на Западен Балкан, покажува најновото истражување на Балканската истражувачка мрежа на новинари – БИРН.
Во секоја од земјите од регионот новинарите испратиле барања за информации до повеќе институции и скоро во секоја земја постоеле институции кои одбиле да одговорат. Во случајот со Македонија 30% од институциите воопшто не одговориле, а меѓу примерите кои категорично одбиле да дадат информација се Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Царинската управа на прашањето за вкупниот износ на увезен канабис во земјава. Како позитивен пример за транспарентност се наведени судовите и Антикорупциската комисија, а делумен, но не целосен одговор на најразлични прашања, давале и Генералниот секретаријат на Владата и Јавното обвинителство.
Директорката на Агенцијата за слободен пристап до информации, Пламенка Бојчева вели дека најголем проблем со кои се соочува нивната институција е молкот на администрацијата, односно неодговарањето на прашања во законски предвидениот рок. Дури 80% од поднесените жалби до Агенцијата во 2020 година се однесувале на недобиен одговор во утврдениот период, а во 2022, овој процент бил намален на 61.
„Факт е дека политичката волја игра голема улога во овозможувањето или неовозможувањето на пристапот до информации, меѓутоа тоа што ние како Агенција се трудиме да го направиме, но за жал немаме доволно сопствени средства и затоа секогаш се обраќаме до граѓанскиот сектор и до меѓународните организации во Република Северна Македонија е со помош на проекти таа политичка волја да ја надминеме со градење на институционална свест“, вели Пламенка Бојчева – директор на Агенција за слободен пристап до информации.
За 2022 година до Агенцијата најмногу жалби се поднесени за Министерството за здравство и Општина Охрид. Сепак, за разлика од пред две години вкупниот број на жалби е значително намален, што оттаму го оценуваат како позитивен пробив.
Лука Андреев