
Генералното собрание на Обединетите нации денеска ќе усвои палестинска резолуција со која се повикува Израел да го прекине „незаконското присуство на окупираната палестинска територија“ во рок од 12 месеци.
Постапката ќе го изолира Израел со денови пред светските лидери да дојдат во Њујорк на годишниот собир.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе се обрати пред 193-членото Генерално собрание на 26 септември, истиот ден кога свое обраќање ќе има и палестинскиот претседател Махмуд Абас.
Нацрт-резолуцијата го поздравува советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата, кој во јули, израелската окупација на палестинските територии и населби ја нарече нелегална и побара повлекување на Тел Авив.
Нацрт-резолуцијата е првиот официјален документ поднесен од палестинската управа откако овој месец ѝ беа доделени дополнителни права и привилегии, вклучително и место меѓу членовите на ОН во собраниската сала и право да предлагаат нацрт-резолуции.
САД се против
Амбасадорката на САД во ОН, Линда Томас-Гринфилд, ги повика земјите да гласаат против резолуцијата. Вашингтон, сојузник на Израел, долго време се спротивставува на едностраните мерки кои ја поткопуваат можноста за решение со две држави.
Советодавното мислење на Меѓународниот суд не е обврзувачко, но има одредена тежина според меѓународното право и може да ја ослаби поддршката за Израел. Резолуцијата на Генералното собрание исто така не е обврзувачка, но има политичка тежина. Ниту еден член на собранието нема право на вето.