ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Онишченко добил државјанство без доказ дека Украина не го гони

Агенцијата за национална безбедност нема одговори на многуте прашања и дилеми за тоа како контроверзниот Украинец Олександр Онишченко добил државјанство. Кој ја потпишал проценката, какви документи доставила матичната земја и дали дале докази дека Онишченко не е под кривично гонење. Тоа се прашањата на кои можеби првиот човек на оваа институција, Виктор Димовски, ќе треба утре да одговори пред пратениците во Комисијата за надзор над работата на АНБ и Агенцијата за разузнавање. Алсат неофицијално дознава дека барањето за државјанство на прорускиот Онишченко било упатено до одделението Скопје 2 во АНБ.

Advertisements

Од проверката направена од страна на инспекторите, констатирано е дека лицето има пречки кои се во спротивност со филтрите на АНБ. До тоа се дошло врз основа на информациите и меѓународните мерки преземени против него од различни земји, вклучително и САД. Прогласувајќи се за ненадлежни за ова барање, инспекторите го упатиле барањето до Одделението за организиран криминал. Во оваа единица двајца раководители, познати имиња во јавноста, го обработиле барањето за државјанство и го процесирале.

Се дознава дека при евалуацијата не бил побаран документ за неговото криминално досие кој требало да дојде од Украина, а со кој би се докажало дека Онишченко не е кривично гонет и не е под истрага на украинските власти. Овие два документи се алфа и омега за барањето за државјанство, бидејќи докажуваат дали апликантот ја нарушува или не безбедноста на државата чиј државјанин сака да стане. Барањето било потпишано, документацијата комплетирана и испратена до директорот на АНБ. Но, останува нејасно како овој предлог се нашол на владина седница само еден ден по потпишувањето, каде била дадена конечната согласност. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во интервју за Телевизија 24, изјави дека американската црна листа не е услов некому да му се одбие македонско државјанство.

Утре ќе се одржи седницата на собраниската Комисија, која беше свикана за средата, но Димовски не можеше да присуствува поради патување во странство. Тој пред пратениците ќе информира за сите постапки како Онишченко добил државјанство додека го гонела матичната земја и бил на американската црна листа, а во Киев бил обвинет за злоупотреба на 100 милиони евра. Онишченко доби наше државјанство во мај годинава.

Адриан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button