Опозиција: Со анкетата на ИРИ, граѓаните покажаа дека сакаат нови избори

Опозицијата ја обвинува власта за падот на довербата на граѓаните во институциите. Според ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните потврдиле дека власта не се движи во добра насока и дека државата треба да оди на нови избори.
„Тоа што ја покажува реалната состојба во државата и колку земјата е незадоволна од работата на оваа влада покажува истражувањето на ИРИ на прашањето „Дали мислите дека Република Македонија оди во добра насока“ 58 отсто од испитаниците велат дека НЕ оди. Тука спаѓаат оние кои се определени за ДУИ, за СДСМ, за другите партии, за Левица и за ВМРО-ДПМНЕ. А, секој ден се слушаат членовите и претставниците на власта како се фалат дека добро се справувале со енергетската криза, економијата, дури и со КОВИД. Но, истражувањето на ИРИ покажува дека власта има погрешна перцепција, тие едноставно не знаат што прават“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Првиот човек на Беса, Билал Касами, вели дека треба да се работи на враќање на довербата .
„Ова е резултат на реалноста со која се соочуваме. Би сакал да има сериозен пристап од сите носители на јавните институции, почнувајќи од централните институции, власта и судството, секако и другите институции за постепено да ја вратиме довербата на граѓаните во институциите. Политички, нашиот фокус не е на рејтингот, на мерењата на јавното мислење, нашиот фокус е да развиваме партиски политики во насока на промовирање на нашата политичка понуда, но во исто време и резултатите што сакаме да ги покажеме во локалната власт каде што сме, во Тетово и Желино“, рече Касами.
Од Алијанса за Албанците велат дека лошото владеење и корупцијата се причините за падот на довербата.
„Политизирањето на државните институции, особено во последните 20 години, го направи своето. Колапсот на правосудниот систем и неказнивоста поради политизацијата на судството, неспособноста на Владата да одговори на потребите на граѓаните за повеќе инвестиции, нови работни места како и да се соочи со економската и енергетската криза, директно влијаеја на намалувањето на довербата на граѓаните кон институциите. За сето ова има единствено објаснување: лошото владеење и корупцијата го попречуваат нормалниот развој на државата и го зголемуваат очајот кај граѓаните“, велат од Алијанса.
Фатлуме Дервиши