Опозиција со апел до Џафери за изборот на нови уставни судии

Опозициските пратеници го повикуваат собранискиот спикер Талат Џафери да ја свика Комисија за избори и именувања за да се отвори дебата за избор на четири нови уставни судии. Според БЕСА, Џафери има деловничка можност во случаи кога нема претседател на одредена комисија, а заменик-претседателот не закажува седница. Зендели се сомнева во евентуално местење при изборот на судии.
„Инаку зошто би требало тие да бараат промена на структурата на Комисијата за избори и именувања, кога таа Комисија е едногласно изгласана на првата конститутивна седница на Собранието? Едноставно, само за да се има контрола над сè што ќе помине во таа Комисија“, изјави Фадил Зендели, Движење Беса.
Од ВМРО обвинуваат дека процесот за изборот на новите четири уставни судии е заглавен кај собранискиот спикер.
„Таа комисија и тој ја гласал лично и нејзиниот состав и тоа таа комисија е изгласана при конституирањето на Собранието од сите пратеници едногласно и сметаме дека треба оваа комисија да работи и врз основа на лично убедување пратениците со понудениот квалитет на кандидатите за уставен судии да направат одредени предлози“, вели Антонио Милошоски, ВМРО – ДПМНЕ.
Поинаку пак, тврдат од СДСМ. Според нив, прво мора да се комплетира составот на Комисијата, со избор на претседател од СДСМ и заменик – член од ВМРО.
„Не може опозицијата да диктира кои ќе бидат наши предлози за членови во таа Комисија, како што ние не можеме да диктираме кој од страна на опозицијата ќе бидат членови на таа Комисија. Мислам дека сме совршено јасни“, вели Снежана Калевска Ванчева, Пратеничка на СДСМ.
Ваквите препирки во Собранието следат по вчерашното писмо од спикерот Џафери кој обвини дека опозицијата ја опструира работата на Комисијата за избори. Додека пратениците си ја префрлаат одговорноста, Уставен има само пет, наместо девет судии.
Игро Стефановски