
Претставниците на опозициските партии во српскиот парламент најавија дека на 27 ноември нема да учествуваат во работата на парламентот, на чиј дневен ред е гласање за предлогот за државниот буџет за 2025 година и за 50 други точки на дневен ред.
Тие на прес-конференција во собраниската сала пред седницата најавија дека ќе поднесат кривична пријава против претседателката на Собранието Ана Брнабиќ за, како што наведоа, злоупотреба на службената положба.
Најавија и дека ќе започнат процедура за нејзино разрешување.
„Властите ја узурпираа оваа институција и се што ќе се случи денеска ќе биде резултат на незаконското однесување на Ана Брнабиќ. Сето ова е добро инсцениран настап на Српската напредна странка и нивните партнери, сакаа да се случат инциденти, да се провлечат низ закони на „мали врати“ од кои зависат животите на граѓаните на Србија“, рече пратеникот Мирослав Алексиќ од Народното движење.