Опозицијата со саркастичен предлог амандман за дипломатите

Во собраниската Комисија за надворешни работи сѐ уште се спори за предлог измените на Законот за надворешни работи. Нив ги поднесе владејачкото мнозинство со цел, како што велат, да се намалат пречките за испраќање дипломати на работа во Постојаната мисија во Виена, за време на претседавањето на земјата со ОБСЕ во 2023 година.
Односно, дипломат да може да конкурира доколку поминале две години од завршување на претходниот мандат. Опозиционерите веднаш реагираа со амандмани со доза на сарказам.
Оттаму предложија „на дипломатот кој треба да биде упатен во дипломатско претставништво надлежно за спроведување на претседавање со меѓународна организација пожелно е, во идеолошка смисла, срцето да му припаѓа во соодветната меѓународна организација“. Инаку, во моментов функцијата ја извршува амбасадорот Игор Џундев.