Опозициска иницијатива за свикување надзорна расправа во Собранието за проблемот со аерозагадувањето

Пратеници на опозициските партии СДСМ и Левица покренуваат иницијатива за свикување Надзорна расправа во рамки на Собранието, на која би се расправало за мерките и активностите што би се спровеле во насока на подобрување на состојбата со загадувањето на воздухот.
Како што посочи пред медиумите пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ, таа иницијатива произлегува од како што рече, поразителните резултати за квалитетот на воздухот.
Интенција е, како што појасни, во рамки на Парламентот преку деловнички и законски инструменти да се разговара за прашањето за животната средина, а како прашање што ги засега сите граѓани без исклучок, би требало да ги обедини сите пратеници во Собранието.
– Зачувувањето на животната средина како темелна вредност гарантирана со Уставот, а е дел од корпусот економски, социјални и културни права, не тангира секој од нас поединечено и сите нас заедно. Одговорноста пред се на пратениците е заеднички да разговараат и изнајдуваат решенија и да се преземат конкретни мерки за зачувување на животната средина, рече тој.