Општина Сарај со 40 000 жители, има само една градинка
Општина Сарај со 40 000 жители, има само една градинка

Општина Сарај со околу 39 илјади жители и 21 село има само една градинка. Двата објекти на градинката „Никулец“ имаат капацитет за 170 деца. Ова предизвика листата на чекање да биде долга, и општината да мора да го зголеми капацитетот за прием во тие објекти за 30 проценти. Сепак и ова не е доволно. Многу родители се принудени своите деца да ги запишуваат подалеку од местото на живееење. Градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети рече дека во предизборната програма е предвидена изградба на три градинки во Буковиќ, Шишево и Долно Свиларе. Беџети рече дека треба да се направи вистинска децентрализација.
„Подготвени сме за едната градинка. Приоритет е проектот за градинка во Долно СВиларе, но ќе ја видиме волјата на Владата, поточно на Министерството за труд и социјална политика, дали се подготвени да инвестираат, бидејќи тие прават капитални инвестиции. Со други зборови, тие или да направат реална децентрализација или да не се вадат и да се кријат зад општините за некоја работа која не се прави“, рече Блерим Беџети – градоначалник на општина Сарај.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека општина Сарај аплицирала со проект за изградба на градинка, но документацијата не била комплетна.
„Општина Сарај поднесе барање за финансирање на проект за изградба на објектот во село Долно Свиларе. По разгледување на доставените документи, Министерството утврдило дека документацијата не е комплетна. За пополнување на апликацијата се доставени коментари до општината и одговорните лица од министерството се во комуникација со нив. По доставувањето на потребните документи, истите ќе бидат разгледани од Комисијата за програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за заштита на децата“, велат од Министерство за труд и социјална политика.
Барањето е доставено на 7 септември 2022 година, и после 7 месеци не е реализирана ниту првата фаза, комплетирање на документацијата. Ако само за документи се потребни 7 месеци, се поставува прашањето колку време ќе биде потребно за изградба на целиот објект./Алсат.мк
Еви Шкопи