Општина Струга ќе изеде 80.000 евра за ручеци, вечери, подароци

Речиси 80.000 евра или пет милиони денари за репрезентации, односно за подароци, ручеци и вечери по ресторани за градоначалникот Рамиз Мерко, општинскиот совет и локалната администрација, се предвидени со годинешниов буџет на Струга,. Од тие пари, речиси 48.000 евра му се на располагање исклучиво на Мерко. Во време кога владата ги повика сите јавни функционери вклучително и градоначалниците да ги намалат непродуктивните трошоци поради економската криза, Мерко повторно се расфрла со парите на граѓаните, реагира локалната опозиција.
„Без разлика што станува збор за огромна економска, енергетска и здравствена криза сепак не се откажаа од овие трошоци. И граѓаните едвај врзуваат крај со крај, а имаме едно недомаќинско работење на општината… Ние како советничка група не учествуваме во тие ручеци или репрезентации, кои се одржуваат после секоја седница на советот на општината“, рече Ален Деребан-ВМРО ДПМНЕ, Струга.
Ова се случува во време кога општината со години е во тешка финансиска состојба и има блокирана жиро-сметка, велат од Алијанса за Албанците.
„…Сигурно дека треба некоја ревизија од страна на централните институции. Она што сакам да го потенцирам е и износот за гориво што е определен за 2022 година од 2 милиони денари, за општина која не е транспортно претпријатие“, вели Нијази Џумкар-Алијанса на Албанците.
За четири години, Мерко за репрезентации потрошил речиси 140.000 евра. Најмногу потрошил во 2019 година, односно речиси 100% од предвидениот износ. Алсат праша во општина Струга, за каква намена градоначалникот ги бара овие пари и каде ќе ги потроши? Ни рекоа дека немаат одговор.
Мики Трајковски