
Шведските власти започнале истрага под сомнение за саботажа откако денеска било откриено ново оштетување на телекомуникациски кабел во Балтичкото Море што ги поврзува земјата и Латвија.
Во рамките на истрагата, како што соопштило доцна вечерва шведското обвинителство, запленет е и еден сомнителен брод кој се наоѓал во близина на местото каде е откриено оштетувањето, заедно со уште два други, пренесува ХРТ.
Што ја предизвикало штетата сè уште е нејасно, но се верува дека најверојатно станува збор за надворешен фактор, објавија латвиските власти на прес-конференција во Рига.
„Ги информиравме шведските власти и работиме заедно со нив на проценка на штетите и причините за инцидентот“, изјавила латвиската премиерка Евика Силина.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави дека во текот на денот бил во контакт со неговата латвиска колешка.
„Шведска, Латвија и НАТО тесно соработуваат по ова прашање“, изјавил тој.
Според властите во Стокхолм, оштетувањето е откриено во шведските територијални води на длабочина од најмалку 50 метри.
Денеска НАТО, чии членки се Шведска и Латвија, почна со распоредување патролни бродови во Балтичкото Море, кои треба да обезбедат заштита на критичната инфраструктура во овие води по зачестените инциденти со оштетувања на телекомуникациски и енергетски кабли.